Во рамки на новоформираната работна група, денеска започна дебатата за подготовка на законски измени со цел воведување на општокорисна работа за младите кои извршиле вандализам.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека ова е значаен чекор кон создавање системско решение за овој проблем.

„Формирањето на работната група во рекордно време е показател за сериозниот пристап кон ова прашање. Нашата цел не е само санкција, туку пред сè превенција и воспитување на младите за одговорност кон заедницата,“ изјави Ѓорѓиевски.

Работната група ги разгледа потребните законски измени во повеќе области, вклучувајќи го Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општокорисната работа да стане ефективна мерка за ресоцијализација. Дополнително, се дискутираше и за можни измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, со што би се вклучиле и родителите во овој процес.

„Брзото формирање на оваа група покажува дека Владата и општините имаат јасна визија за справување со вандализмот преку системски пристап. Воведувањето на општокорисната работа ќе придонесе младите да станат свесни за последиците од нивните постапки и да добијат можност за активен ангажман во заедницата,“ нагласи Ѓорѓиевски.
Очекувањата се дека во најкраток можен рок законските измени ќе бидат финализирани, овозможувајќи нивна брза и ефикасна имплементација во сите општини.







