Европа на удар: хакерски и дрон-напади ја открија ранливоста на авијацијата
Серија хакерски и дрон-напади врз европски аеродроми ја оголија слабата точка на цивилното воздухопловство и предизвикаа страв од пошироки координирани закани.
Во Данска, неколку големи дронови го блокираа сообраќајот на главниот аеродром во Копенхаген со часови. Паралелно, во Осло беше забележан сличен инцидент, додека претходно ransomware напад погоди системи за чекирање во Лондон, Берлин и Брисел.
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, ги поврза случувањата со сомнителни активности на Русија ширум Европа, иако Москва ги отфрли обвинувањата. Ројтерс наведува дека сè уште нема потврда за одговорноста.
Европскиот центар за спротивставување на хибридни закани предупреди дека ваквите напади се тестирање на методи и реакции. Според експертите, авијацијата како високо поврзана индустрија е особено ранлива – застои во системите веднаш предизвикуваат доцнења и откажани летови.
Eurocontrol најави поддршка за националните власти и апелираше операторите да развијат планови за динамична проценка на ризикот и пренасочување на сообраќајот.
Стручњаците предупредуваат дека заштитата од дронови и кибер-напади бара скапа технологија – електронски системи за блокирање, ласери и напредни радари – што бара милионски инвестиции и долг процес на имплементација.
Во услови на војна во Украина и зголемени хибридни закани, аналитичарите повикуваат на побрза регулаторна акција и построги стандарди за клучната инфраструктура во Европа.






