Министерката за финансии во своето интервју на темата за унгарскиот кредит изјави дека во следната недела ќе започнат со состаноци со коморите околу запознавање соусловите за кредитот.
„Добивам информација дека интересот за овој кредит е голем и очекувам побрзо завршување и одоборување од страна на банките, а потоа и трансфер на парите.“ истакна Кочовска
Министерката Кочовска е позитивно изненадена, бидејќи поради кризата во Европа очекувала приватниот сектор можеби да се повлече, но сепак интересот за искористување на поволните кредитни услови е голем.
„Договорите помеѓу Владата и Развојна банка се потпишани. Веќе се потпишуваат договорите помеѓу Развојна банка и останатите банки.“ информира министерката за финансии.
На прашањето зошто уште се чека, Кочовска истакна дека овој е поразличен процес отколку при издавање на еврообврзница. Во текот на процесот се разгледувало и работењето на Развојна банка и капацитетот за администрирање на кредитот, но и биле направени консултации со ММФ за целиот процес да е во рамки во закон.
За потсетување, Владата позајми од Унгарија 500 милиони евра на 15 години со три години грејс период по исклучително поволни услови. Овие средства се ставија на располагање на општините за капитални проекти, но и за македонскиот приватен сектор во износ од 250 милиони евра.
Дополнително во средината на јануари оваа година државата врати и еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2018 година. Земјата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени, а во наредните години доспеаваат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и 2023 година во вкупен износ од 1,9 милијарди евра.







