Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, заедно со в.д. генералниот секретар Дрилон Ганиу, престојуваше во официјална посета на Нион на покана на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. На средбата со челниците на европската фудбалска организација, предводени од Зоран Лаковиќ, беа дискутирани важни теми за иднината на македонскиот фудбал.

„Имавме прекрасен состанок и срдечен пречек од првиот човек на европскиот фудбал и неговите соработници. Споделивме многу корисни информации за состојбата во нашиот фудбал и отворено разговаравме за клучните предизвици,“ истакна Омерагиќ.
Тој нагласи дека постои взаемна почит и јасна желба да се најдат најдобрите решенија за развој на македонскиот фудбал. Главен фокус на разговорите биле инвестициите од фондовите на УЕФА и неопходните реформи кои треба да се спроведат.

„Мора да дејствуваме веднаш за да избегнеме несакани последици и да тргнеме во позитивен тренд кон нови успеси,“ додаде Омерагиќ, потенцирајќи дека поддршката од УЕФА е клучна за иднината на македонскиот фудбал.







