Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на денешниот состанок со стопанствениците истакна дека локалната самоуправа е целосно подготвена за новиот повик на Владата за финансирање на капитални проекти. Општината ќе аплицира со 32 проекти во вкупна вредност од 830 милиони денари, од кои 707 милиони денари се очекува да бидат обезбедени преку владината програма, додека остатокот ќе биде дофинансиран од општинскиот буџет.

„Станува збор за значајни инфраструктурни проекти, кои ќе придонесат за локалниот економски развој. Покрај нив, подготвивме и дополнителна проектна документација за нови иницијативи кои ќе го подобрат квалитетот на живот во Битола,“ изјави Коњановски.
Градоначалникот потсети дека во претходниот повик на Владата, општината успешно обезбеди средства за 13 проекти од патна и подземна инфраструктура, 3 проекти за спортски објекти и 1 проект во областа на образованието.

„Поддршката од Владата и добрата соработка со бизнис-заедницата се клучни за одржлив економски раст и развој на градот,“ нагласи Коњановски, додавајќи дека Битола продолжува со стратегијата за подобрување на инфраструктурата и создавање подобри услови за инвестирање и отворање нови работни места.







