Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денешниот ден во Вашингтон го започна со учество на традиционалниот „Молитвен појадок“. Овој значаен настан собира политички лидери и влијателни личности од целиот свет, создавајќи простор за размислување, дијалог и градење на меѓусебни односи.

„Ова беше посебна прилика за мене, особено во напорите за продлабочување на партнерството со САД, нашиот стратешки сојузник,“ истакна Меџити.
Во рамките на својата посета на Вашингтон, тој активно работи на зајакнување на врските на Северна Македонија со демократскиот свет. Според него, вербата, вредностите и пријателството меѓу народите претставуваат мостови што ги поврзуваат државите и врз кои треба да се гради иднината на инклузивност и соработка.

Посетата на Вашингтон е дел од пошироките напори на Владата на Северна Македонија за унапредување на меѓународната соработка и продлабочување на релациите со партнерите од САД.







