Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, оствари средба со шефот на политичкиот и економскиот оддел во Амбасадата на САД во Македонија, Дејвид Маерс, и политичкиот асистент, Митко Бурчевски. На средбата беше потенцирано значењето на соработката со САД во насока на развојот на општините, привлекување инвестиции и реализација на проекти од заеднички интерес.

Ѓорѓиевски ја истакна Општина Кисела Вода како пример за модерна и ефикасна локална самоуправа, која преку дигитализација, транспарентност и иновативни политики работи во интерес на граѓаните. Како претседател на ЗЕЛС, тој нагласи дека неговиот фокус останува на зајакнување на локалната самоуправа и создавање поволни услови за економски раст.

Во рамките на средбата, Ѓорѓиевски му ја честиташе победата на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, со надеж за натамошно продлабочување на билатералните односи и партнерството меѓу двете земји.







