Во Општина Битола се одржа работна средба на градоначалникот Тони Коњановски со претставници од општинската администрација, ЈП за урбанистичко планирање – Битола, Општина Могила, како и тимот за изведба на автопатот Битола – Прилеп.

На состанокот, проектантите од Градежен институт Македонија (ГИМ) и претставници на изведувачот Бехтел и Енка ја презентираа предвидената траса на автопатот, кој ќе се протега од влезот на Прилеп кај превојот Плетвар до северната страна на Битола, во близина на селото Крклино.
Дискутирани беа клучни аспекти на проектот, како што се патните јазли, премините преку автопатот, времените режими на сообраќај и организацијата на градилиштето.

Според договорената динамика на изведба, автопатот Битола – Прилеп се очекува да биде целосно завршен до крајот на 2027 година, што ќе значи значително подобрување на регионалната поврзаност и инфраструктура.







