Благоевград, 5 февруари 2025 – Претставници на ОМО „Илинден“ – Пирин вчера ја одбележаа 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, положувајќи цвеќе и одржувајќи свеченост пред неговиот споменик во Благоевград.

Во рамките на настанот, беседа за животот и делото на Делчев одржа Ангел Радонов, кој потсети на неговата борба за слободна Македонија.
„Гоце Делчев се заколна: ‘Додека моето рамо крепи пушка, Македонија нема да биде достапна за бугарските офицери’“, истакна Радонов, нагласувајќи ја посветеноста на Делчев кон македонското револуционерно движење.
Македонците во Бугарија ја искористија можноста повторно да ги истакнат своите барања за основни човекови права, вклучувајќи го правото на образование, информирање и вероисповед на македонски јазик, како и правото на слободно здружување и политичко организирање – права кои, како што наведуваат, им се ускратени од страна на бугарските власти.

„Ќе продолжиме во борбата за еднакви права и слободи на Македонците во Бугарија. Очекуваме Владата во Софија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои се донесени во корист на македонската заедница“, порачаа присутните.
Настанот заврши со повик за институционално признавање на македонското малцинство во Бугарија и целосна примена на меѓународните стандарди за заштита на човековите права.






