Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес оствари средба со претставници на словенечката компанија „Фурлани“, која има долгогодишно искуство во изградба на гондоли во скијачките центри низ Балканот. На средбата присуствуваа и секретарот на општината Борче Димитровски, советници од Советот на општина Битола и раководителот на Одделението за економски развој, Венцо Шишкин.

Главна тема на разговор беше подготовката за изработка на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер – проект кој веќе е изгласан во Советот на општина Битола. Како што беше истакнато на средбата, општината планира до крајот на март да изработи проектна програма, по што ќе следува јавна набавка за изработка на студијата.

„Со овој чекор правиме сериозен исчекор кон реализација на гондолата на Пелистер, што ќе значи значителен развој за туризмот во Битола и поширокиот регион“, изјави Коњановски.
По склучувањето на договорот за изработка на студијата, се очекува таа да биде готова во рок од шест месеци. Студијата ќе опфати клучни аспекти како финансиската исплатливост на проектот, вкупната цена на изградбата, можните локации и трасата на гондолата.

По состанокот, делегацијата изврши теренска посета на Ски центарот Ниже Поле и скијачкиот центар Копанки, каде што се запознаа со постоечката инфраструктура и можностите за развој. Исто така, беше остварена средба со директорот на хотелот „Молика“, Горан Исков, кој ги запозна гостите со хотелските капацитети и потенцијалите за идни инвестиции.
Оваа посета на словенечките експерти е резултат на претходни контакти и соработки што битолската делегација ги оствари при посетата на општина Чаетина, ЈП „Голдгондол“ и Златибор во Србија.
Општина Битола продолжува со активностите за развој на Пелистер како туристичка атракција, а градоначалникот Коњановски нагласи дека овој проект ќе биде значаен чекор кон подобрување на туристичката понуда и економскиот развој на регионот.







