Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, ја поздрави одлуката на премиерот Христијан Мицкоски за објавување на вториот јавен повик за финансирање капитални инвестиции во општините, оценувајќи ја како најголема поддршка од централната власт досега.
Со вкупно 15 милијарди денари, општините ќе имаат можност да реализираат значајни проекти од витално значење за граѓаните, вклучувајќи изградба и реконструкција на училишта, градинки, паркови, водоводна и канализациона мрежа. Оваа инвестиција ќе помогне во решавањето на долгогодишните инфраструктурни предизвици ширум државата.
„Со оваа историска инвестиција директно ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните, а Владата покажува дека е вистински партнер на локалната самоуправа, без селекција и поделби. Ова е начинот на кој се сака и се гради татковината“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека при првиот повик биле одобрени 288 проекти за 78 општини, со вкупна вредност од над 73 милиони евра, а дополнително, преку Министерството за транспорт биле обезбедени околу 800 милиони денари за финансирање на локални проекти.
„Првпат во историјата на државата имаме влада и премиер од народот, кој го дава својот последен атом за да помогне на граѓаните. Горд сум што сме сведоци на вистинска промена во интерес на сите“, додаде Ѓорѓиевски.
Тој порача дека граѓаните го препознаваат овој пристап и дека поддршката за реални проекти ќе продолжи со несмалено темпо.







