Грижата за најмладите останува врвен приоритет на Општина Брвеница и Владата на Република Северна Македонија.
Градоначалникот Јовица Илиевски објави дека, по барање на Општината, Министерството за труд и социјална политика ќе започне со реализација на два значајни проекти: изградба на нова детска градинка во село Челопек и проширување на постоечката градинка во село Брвеница.
Со ова, ќе се стави крај на проблемот со недостатокот на простор за упис на деца во градинките.
„Ова е доказ за важноста на соработката меѓу централната и локалната власт. Општината најдобро ги познава потребите на своите жители, а кога тие се адресираат соодветно, резултатите се видливи преку реализација на значајни проекти за граѓаните,“ истакна Илиевски.
Овие инвестиции се уште еден чекор кон подобрување на условите за живот во општина Брвеница, со фокус на најмладите генерации и нивната иднина.







