Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитки по повод 20-годишнината од отворањето на првото Американско катче во Скопје.

Во својата порака, Сиљановска-Давкова го истакна значењето на Американското катче како центар за младите каде што тие можат да се запознаат со американската култура и вредности, да го изучуваат англискиот јазик и да ги разберат клучните принципи како волонтерството, медиумската писменост и безбедноста.

„Ова е еден од симболите на македонско-американското пријателство, показател за заемно разбирање и соработка со фокус на младите лидери како двигатели на идните промени“, изјави претседателката.

Сиљановска-Давкова ја поздрави успешната приказна на Американското катче, посакувајќи ја нејзината долговечност и инспирирачко влијание врз младите генерации. „Добриот дух на пријателство и соработка нека продолжи да ги обединува оние кои веруваат во трајноста на македонско-американското партнерство“, порача таа.







