Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска оствари средба со дел од учесниците во традиционалната манифестација по повод Водици, на која 15-годишниот Иван Миовски го фати Светиот крст.

Миовски, ученик во прва година во средното економско училиште „Јане Сандански“, раскажа за уникатното искуство на оваа свеченост што секоја година го обединува градот.
Коњановски му посака здравје, успех и радост, доделувајќи му парична награда од 20.000 денари и икона од Заштитникот на градот, Свети Нектариј Битолски.
„Овој настан е симбол на верата и традицијата што го поврзува нашиот народ. Со гордост го наградуваме младиот Иван, чиј дух и храброст се инспирација за сите нас,“ изјави градоначалникот Коњановски.

Манифестацијата фаќање на Светиот крст, која се одржа во Храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, продолжува да биде значаен настан во Битола, негувајќи ја духовноста и заедништвото во градот.







