На традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор акредитирани во нашата држава, претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати силна порака за европската иднина на земјата и значењето на регионалната стабилност.

Таа им посака на дипломатите, нивните семејства, држави и нации, како и на Европската унија и нејзините граѓани, сè најдобро во 2025 година. Во својот говор, претседателката истакна дека 2025 година треба да биде година кога Македонија конечно ќе тргне кон својот „европски политички дом“, каде што географски, историски и културно припаѓа.
„Ако Западниот Балкан е ‘Ахилова пета’ за поетски настроените западни политичари, тогаш тие треба да се грижат да не биде погоден од било какво оружје,“ нагласи Сиљановска-Давкова, упатувајќи повик за зајакнување на безбедноста и стабилноста на регионот.

Таа ја потенцираше важноста на реформите, повикувајќи на европеизација на земјата според Копенхашките критериуми и истакнувајќи дека членството во ЕУ ќе биде моќен мотиватор за демократизација и трајна стабилизација на регионот.
Претседателката посочи и на клучната улога на дипломатијата во препознавањето и справувањето со негативните трендови што претставуваат сериозна закана за европскиот мир.
Со оваа порака, Сиљановска-Давкова уште еднаш го потврди силниот ангажман на Македонија за европска интеграција и придонес кон заедничка европска иднина.






