Вкупно 1451 акредитиран домашен и странски набљудувач ги следи денешните локални избори во Македонија, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Од нив, 807 се домашни, а 644 се странски набљудувачи, меѓу кои и 12 акредитирани странски новинари.
На изборите, на кои право на глас имаат 1.832.415 граѓани што гласаат на 3.474 избирачки места, најголем број домашни набљудувачи има Здружението за развој на општествено-социјални иновации „Ваке ап“ од Скопје – 549.
Изборниот процес го мониторираат и неколку други организации, меѓу кои: МКЦ-Битола со 23 набљудувачи, ЛАГ Агро Лидер-Кривогаштани со пет, Интерактив Битола со осум, Ромалитико-Скопје со 10, „За Тетово“ со пет, Национален совет за родова рамноправност со 25, Планинарски спортски клуб „КАБ Струга“ со 16, Евротинк со четири, ЦИВИЛ – Центар за слобода со 60, Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид со 27, Национална мрежа „Жените за жените“ со 20 и Инклузива со 11 набљудувачи.
Од меѓународните организации, најмногу набљудувачи има Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) – 524. Учествуваат и претставници од Амбасадата на САД во Скопје (30), Европскиот парламент (12), Британската амбасада (11), како и дипломатски мисии и изборни комисии од Хрватска, Унгарија, Турција, Молдавија, Албанија, Косово, Украина, Франција, Холандија и други земји.
Меѓународните и домашните набљудувачи го следат целиот тек на изборниот процес – од отворањето на избирачките места до пребројувањето на гласовите и објавувањето на резултатите, со цел да се обезбеди фер, транспарентен и демократски изборен ден.






