Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска го пречека новоименуваниот амбасадор на Италија, Паоло Палминтери, кој ги предаде своите акредитиви. Во своето обраќање, амбасадорот Палминтери импресионираше со говор на македонски јазик, што беше поздравено како искрен гест на почит кон државата и нејзиниот народ.

Претседателката истакна дека Италија и Македонија повеќе од четири децении негуваат пријателски и партнерски односи, а новиот мандат на амбасадорот се гледа како можност за дополнително продлабочување на соработката во области од заемен интерес.
„Високо ја цениме долгогодишната поддршка на Италија за нашето членство во НАТО и за полноправното приклучување кон Европската Унија. Веруваме дека членството ќе отвори нови перспективи и ќе ја зацврсти европската идеја во нашата земја,“ изјави претседателката.

Во текот на средбата, претседателката ги истакна и поздравите од претседателот на Италија, Серџо Матарела, како и од реномираниот професор по уставно право, Џузепе Де Верготини, кои ја поддржаа идејата за продолжување на блиската соработка меѓу двете земји.
Амбасадорот Палминтери изрази уверување дека во текот на неговиот мандат ќе работи на продлабочување на економските, културните и политичките врски меѓу Италија и Македонија.






