Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска ја пречека новоназначената генерална конзулка на Република Грција во Битола, Деспина Ипиоти, во рамки на нејзината прва официјална посета. На средбата се разговараше за досегашните успеси во прекуграничната соработка, како и за идните можности за зајакнување на односите меѓу Битола и општините од Грција.
Градоначалникот Коњановски ја информираше генералната конзулка дека Битола има значајно искуство во реализацијата на проекти од програмата за прекугранична соработка, со акцент на енергетската ефикасност, заштита на животната средина и промоција на туризмот. Во тек е апликацијата за два нови проекти преку ИПА програмата, кои ќе придонесат за дополнително економско и културно поврзување.

„Соработката со градовите од Грција е важен дел од нашите стратешки активности. Заедно работиме на одржлив развој и на зајакнување на релациите меѓу нашите народи,“ изјави Коњановски.
Конзулката Ипиоти ја истакна својата подготвеност за интензивирање на односите преку планирани работни средби со градоначалниците од Пелагонискиот регион и истакна дека оваа соработка ќе биде насочена кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните од двете страни на границата.







