Првиот работен ден од 2025 година градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, го започна со значајни инвестиции во образованието.
Во посета на основното училиште „Невена Георгиева-Дуња“, Ѓорѓиевски ги истакна подобрените услови за учениците и вработените како дел од заложбите на општината за квалитетно образование.

„Инвестиравме во нова инокс професионална опрема за училишната кујна, која значително ќе го олесни работењето и ќе овозможи подобар квалитет на услугите,“ рече Ѓорѓиевски.
Дополнително, училиштето доби интерактивни панели кои ќе го осовременат наставниот процес и ќе ги поттикнат дигиталните вештини кај учениците. Поставен е и нов видео надзор за зголемена безбедност, како и паркинг простор со капацитет за 50 возила, што ќе придонесе за подобра функционалност и достапност.

„Во последните три години изградивме над 1.500 паркинг места низ општината, олеснувајќи го секојдневието на нашите граѓани,“ додаде градоначалникот.
Во рамките на училиштето е во тек изградбата на затворен базен, кој се очекува да биде готов до крајот на мај. Ѓорѓиевски истакна дека ова е дел од пошироките заложби за воведување едносменска настава во сите основни училишта во општината.
„Нашата цел е јасна – обезбедување современи и безбедни услови за секој ученик. Продолжуваме посветено да работиме за подобра иднина на младите,“ заклучи Ѓорѓиевски.






