Почитувани граѓани, драги битолчани,
На прагот на Новата 2025 година, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, упати порака полна со оптимизам, љубов и визија за иднината на градот. Тој истакна дека големите промени започнуваат од малите нешта, направени со искрена посветеност и заеднички труд.

Во своето обраќање, Коњановски ги истакна приоритетите на општината – најмладите, образованието, спортот, културата и инфраструктурата, како и напорите Битола да стане привлечна дестинација за кариера и бизнис. Во изминатата година, општината постигна значајни резултати, вложувајќи во нови спортски игралишта, подобрување на условите во училиштата и градење партнерства со младите.

„Со нови идеи, планови и енергија, продолжуваме да ја градиме Битола како инклузивна и поддржувачка заедница во која секој може да напредува,“ порача градоначалникот.
Тој ги повика граѓаните заедно да ја продолжат приказната за прогрес и заедништво, внесувајќи убавина и промени со меѓусебно почитување и разбирање.
„Нека празничната радост внесе топлина во вашите домови, а Новата година нека биде исполнета со здравје, среќа и љубов за сите нас. Среќна Нова година и весели Божиќни празници!“ заврши Коњановски.






