Додека од Град Скопје нема никаква најава за организирана прослава за најлудата ноќ, ние уште еднаш докажуваме дека сме лидери во организирањето културни настани, објави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓеоргиевски, кој го покани цело Скопје на новогодишна прослава во Кисела Вода, на платото пред Расадник.
„Дали сте спремни за најдобрата забава во Скопје? Почитувани жители на Скопје, со огромна чест ве поканувам пред платото на спортската сала ,,Расадник” во Кисела Вода на незаборавен дочек на Новата 2025 година! На 31 декември, под слоганот „Скопска Новогодишна приказна“, жителите на Кисела Вода и сите граѓани на Скопје ќе имаат можност да уживаат во целодневна програма со богати содржини за сите генерации. Настанот започнува во 10:30 часот со настап на Балетското студио „Лебед“, а ќе продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“. Малите посетители ќе уживаат во настапот на „Поточиња“, аниматорите и задолжителниот Дедо Мраз, кој овој пат ќе биде во друштво на ликот Гринч. Вечерната програма започнува во 20:00 часот со настап на популарната група Куку Леле, продолжува со легендарниот Игор Џамбазов, кој е и водител на вечерта, а ќе настапи заедно со „Гуру Харе Бенд.“ Потоа, ќе настапат ДНК и по пауза од 15 години, повторно на сцената – Врчак! Кулминацијата и пречекот на Новата година ќе го означи настапот на Лозано, објави тој на Фејсбук.
Како што напиша тој, со домашни изведувачи кои се миленици на публиката, создале програма која ги обединува генерациите.
„Ова е наш подарок не само за жителите на општината, туку за целиот град. Ве поканувам сите скопјани да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2025 година со многу радост, музика и убави мигови. Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа „Скопска Новогодишна приказна“, која ветува незаборавна забава и многу позитивна енергија!“, се вели во објавата.
Извор: faktor.mk







