На 23-ти Декември (понеделник) во Тетово, по повод престојoт на официјална делегација предводена од Претседателот на големиот парламент на Република Турција, Секторот за внатрешни работи Тетово ќе воведе посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје во периодот од 5 часот наутро до завршувањето на официјалната посета.
Во овој период ќе биде забрането паркирање на возилата од клучка Брвеница до Тетовски универзитет, потоа на булевар ,,Илинденска“ на потегот од крстосницата со улицата „Брвенечка кривина“ до „Шарена џамија“, по улица ,,Киро Ристоски – Дрнц“, улица ,,Луботенска“, до Арабати Баба Теќе, и по улицата „Ѓорче Петров“ и улица „Браќа Миладинови“. Потоа, булевар „Видое Смилевски Бато“ од кружен тек со булевар „Илинденска“ до улица ,,Фуштанска“ и обратно.
Возилата кои ќе бидат затекнати паркирани на обележани паркинг места ќе бидат подигнати со специјално возило пајак и сопствениците ќе може да си ги земат без никакви надоместоци, додека тие возила што ќе бидат подигнати од недозволени места за паркирање ќе се соочат со законски мерки. Исто така, на сите други улици во градот, каде е веќе забрането паркирање, ќе се санкционираат и подигнуваат возилата со цел да се обезбеди непречено и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот.
СВР Тетово со апел до граѓаните во понеделник – 23 Декември – да не се движат со возила во централното подрачје без поголема и неодложна потреба и да ги почитуваат и да постапуваат по наредбите и насоките на полициските службеници.






