Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, на вториот Буџетски форум за креирање на буџетот за 2025 година, објави значајни мерки за поддршка на жителите на општината.

„Мојот народ одлучува“ е принцип кој не е само слоган, туку и насока во работењето, изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи ја важноста на транспарентноста и директната комуникација со граѓаните.
На форумот, кој собра пензионери, млади, спортисти и претставници на граѓанските здруженија, беа договорени нови проекти за следната година. Пензионерите со пониски примања ќе добијат финансиска поддршка, додека за матурантите е предвидено субвенционирање на возачки дозволи. Исто така, ќе се воведе платена пракса за студентите кои живеат во општината.

Ѓорѓиевски изрази задоволство што општината досега успешно реализирала 95% од неговата четиригодишна програма, но и проекти иницирани директно од жителите. „Вашите предлози се основа за креирање на буџетот, а заедно можеме да ги поставиме приоритетите за развој на нашата општина,“ изјави тој.
Градоначалникот им се заблагодари на жителите за довербата и поддршката, ветувајќи уште поголема посветеност во правењето на Кисела Вода подобро место за живеење.






