Градоначалникот Тони Коњановски денес го обележа почетокот на финалната фаза од реконструкцијата на општинскиот пат во селото Цапари, проект кој опфаќа асфалтирање на патна инфраструктура во должина од 1478 метри.
За овој значаен инфраструктурен зафат, од општинскиот буџет се издвоени 10.451.060 денари. Активностите ќе продолжат во наредните неколку дена, со цел да се заврши модернизацијата на овој дел од патната мрежа, која е од големо значење за жителите на Цапари.
„Овој проект е дел од нашата заложба за унапредување на инфраструктурните услови во руралните средини, со цел да обезбедиме подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани,“ истакна градоначалникот Коњановски за време на посетата на терен.
Претходно, во рамки на подготвителните активности, беа реализирани повеќе зафати за да се обезбеди квалитетна основа за асфалтирањето. Градоначалникот изрази уверување дека реконструираниот пат ќе придонесе за подобра поврзаност и ќе создаде услови за економски развој во овој дел од општината.







