Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека заштитата на урбаното зеленило е врвен приоритет на општината, при што досегашните мерки и постигнувања ја позиционираат општината како пример за одржлив урбан развој.

Ѓорѓиевски нагласи дека од самиот почеток на својот мандат се работи на темелна ревизија на урбанистичките планови, при што незаконските и штетни планови се поништени. Со тоа, урбанизацијата е ставена во рамките на законските регулативи, кои предвидуваат минимум 20% зеленило на секоја градежна парцела, согласно новиот Закон за урбано зеленило.
„Урбанизацијата не смее да биде на сметка на природата. Зелениот простор е основа за здраво урбано живеење,“ порача Ѓорѓиевски, посочувајќи дека општината во изминатите три години успеала да добие дополнителни 80.000 квадратни метри зеленило преку изградба на седум нови паркови и 13 спортско-рекреативни центри.

Посебен успех за општината, како што истакна градоначалникот, е меѓународниот конкурс за урбанистичкиот план на Расадник, кој наместо претходно предвидените 99 згради, вклучува шума од 100.000 квадратни метри.
Дополнително, Ѓорѓиевски потенцира дека општината има транспарентен пристап кон урбанистичките процеси, при што сите планови се јавно достапни на ГИС порталот, овозможувајќи граѓаните активно да учествуваат во планирањето и следењето на урбаната динамика.
„Со овие мерки покажуваме дека Кисела Вода може да биде пример за тоа како се зачувува зеленилото и како се создава урбана средина што ги става граѓаните и природата на прво место,“ заклучи Ѓорѓиевски, повикувајќи на заедничка заложба за создавање поубава и позелена иднина.







