Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес ја отвори „Бадниковата работилница“, која се организира во пресрет на манифестацијата „Бадникови поворки 2025“. Настанот, кој се одвива под слоганот „Пренеси ја Божиќната радост до секое срце!“, ги собра децата и родителите во духот на заедништво, традиција и подготовка за големиот христијански празник Божиќ.

Во рамките на работилницата, најмладите изработуваа ѕвезди и ја учеа песната „Вечниот Бог“, со што, како што истакна Ѓорѓиевски, не само што се подготвуваат за празникот, туку и се негуваат вредностите и традициите кои го градат македонското општество.
„Бадник и Божиќ се време за семејство, љубов и заедништво. Денес, заедно со децата и родителите, создававме мали ремек-дела кои ја симболизираат светлината на Божиќ. Ова е наш начин да пренесеме вера, надеж и љубов на најмладите, кои се иднината и носители на светлината на нашите традиции,“ изјави градоначалникот.

Настанот помина во топла и празнична атмосфера, а Ѓорѓиевски им се заблагодари на сите учесници за нивната посветеност и ентузијазам.
„Нека оваа работилница биде вовед во една среќна и благословена година. Божиќната радост навистина ќе стигне до секое срце!“ порача тој.
Манифестацијата „Бадникови поворки 2025“ ќе продолжи со уште активности, потсетувајќи на важноста на христијанските вредности и одржувањето на традициите.






