Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, со емотивен и длабоко инспириран текст го одбележа триумфалното одбележување на три децении од премиерата на македонскиот филм Пред дождот, кој неодамна ја прослави својата Златна гала премиера.

„И по триесет години, Пред дождот останува перфектно уметничко благо, блескав бисер што осветлува мрачни времиња и настани, предизвикува и урива предрасуди, преупредува, осудува, охрабрува,“ напиша Сиљановска Давкова, потенцирајќи ја безвременската уметничка вредност на филмот.
Таа нагласи дека делото на Милчо Манчевски и денес предизвикува силни емоции, размислувања и нови откритија, дури и кај оние кои го гледале повеќепати. „Звучи неверојатно, но, дури и по три децении, го гледав филмот со уште поголем интерес од првиот пат. Видов нови бои и слики, ликови и сцени, открив нови заплети, односи и пораки,“ истакна таа.
Сиљановска Давкова ја истакна актуелноста на темите што ги обработува филмот, посочувајќи дека кругот на насилството е проблем кој и денес демне низ светот. Таа со особено восхит зборува за уникатноста на филмот, каде „времето е играчка на режисерот“, и за визуелната и музичката синергија што го прават делото ремек-дело.

„Пред дождот не е само филм; тоа е безвременска класика со моќна визија и симболика, која и денес нè тера да се преиспитаме, да се запрашаме и да почувствуваме,“ заклучува претседателката.
Со своите зборови, Сиљановска Давкова уште еднаш го потврди местото на Пред дождот како едно од најзначајните уметнички дела во македонската, но и светската кинематографија.





