На нашите простори пекарските производи, особено бурекот, имаат долга и богата традиција. Со месо, сирење, спанаќ или праз, комбиниран со јогурт или ајран, бурекот е омилен меѓу сите генерации. Но, прашањето кое се поставува е дали за десетина-петнаесет години ќе има кој да го прави.
Пекарскиот занает е тежок и бара посветеност, а интересот кај младите за оваа професија постојано опаѓа. Абдурахим Ештрефи од Скопје е дел од последните генерации македонски бурекџии. Веќе 45 години ги прави највкусните пити, буреци и ѓевреци. Тој го изучувал занаетот три години во стручно училиште, а потоа продолжил да работи во објектот каде што е активен уште од 1980 година. Денес, фамилијарниот бизнис го води со својот брат.
„Тежок е овој занает, но е профитабилен. Веќе 45 години станувам во три-четири наутро. Не е лесно“, вели Ештрефи.
Иако машините значително го олесниле процесот на производство, новите генерации сè поретко се заинтересирани за пекарството. „Ова е стар занает, но младите не сакаат да го учат. Имам синови, внуци, но никој од нив не е заинтересиран. Најдобрите бурекџии заминаа во странство. Сите мои колеги, пријатели – веќе не се тука. Денес има машини и фрижидери, но потребно е да се знае рецептот, да се учи и да се работи посветено“, објаснува тој.
Според податоците на Стопанската комора од 2023 година, просечната возраст на вработените во пекарската индустрија е 57 години. Иако постојат програми за обука, 82% од компаниите се соочуваат со потешкотии да обезбедат стручен кадар.
Дали иднината на бурекот е неизвесна? Ќе зависи од тоа дали ќе успееме да го зачуваме и пренесеме овој занает на новите генерации.






