Случајот со опожарените возила и објект во Куманово расчистен, сторителот приведен
Министерот за животна средина и просторно планирање и прв потпретседател на Владата, Изет Меџити, денеска изјави дека случаите во Куманово треба да ги расчистат судските и обвинителските органи, бидејќи тоа е во интерес на општата безбедност и граѓаните. Оваа изјава ја даде во Липково, каде присуствуваше на акција за пошумување на деградирано земјиште.
„Да оставиме надлежните органи да го завршат својот дел, бидејќи тоа е во интерес на општата безбедност. Никој не е над законот, и секој што ќе го прекрши законот ќе одговара“, истакна Меџити.
Претходно, претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, на сличен настан за садење дрвја во градскиот парк, посочи дека локалниот совет за превенција ја повикал јавноста да не создава меѓуетнички тензии во мултиетничко Куманово.
„Советот за превенција се одржа навреме, и сите присутни апелиравме да не се креваат меѓуетнички тензии“, рече Ѓорѓиевска.
СВР Куманово соопшти дека случајот со опожарените возила и деловен објект е расчистен. Осомничениот, 35-годишниот кумановец Ф.А., е лишен од слобода на подрачјето на Бит-пазар. Според информациите, Ф.А. на 2 декември опожарил три патнички возила и еден деловен објект во Куманово.
Еден од опожарените автомобили бил во сопственост на обвинителот Џелал Бајрами, а деловниот објект – фотокопирница – во сопственост на советникот од ДУИ, Фитор Јакупи.
Полициската акција е резултат на координацијата меѓу СВР Куманово, Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност, и СВР Скопје. По целосното документирање на случајот, против Ф.А. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.






