Најновиот масовен руски воздушен напад врз Киев откри сериозни слабости во украинската воздушна одбрана над главниот град, која е практично непостоечка или сериозно оштетена. Русија лансираше околу 550 ракети и дронови, таргетирајќи најмалку 13 локации, меѓу кои и аеродромите Бориспол и Жулјани, каде се распоредени американските противвоздушни системи „Патриот“. Русите тврдат дека нападот бил успешен и предизвикал значителна штета.
Рускиот воен експерт Јуриј Кнутов вели дека „Патриот“ е клучен за одбраната, но неговата ефикасност е ограничена и залихите се на најниски нивоа. Според него, најновите ветувања на САД за испорака на 100 ракети ќе бидат потрошени за една до две недели. Германскиот весник „Тагешпигел“ и воениот експерт Густав Гресел потврдуваат дека Украина веќе има исцрпени залихи од овие ракети, што ја изложува земјата на ризик од нови руски напади.
Друг експерт, Карло Масала од Универзитетот во Минхен, предупредува дека без дополнителни залихи до крајот на летото ситуацијата ќе стане критична, а Европа ќе мора да преземе итни мерки. Без ракети „Патриот“, точноста и брзината на одбраната ќе опаднат, а Киев ќе стане ранлив на балистички и крстосувачки ракети.
Воениот експерт Томас Тајнер додава дека залихите од ракетите за системот „ХИМАРС“ ќе траат до септември, но залихите на „Патриот“ се побрзо се исцрпуваат. Доколку Русија почне масовно да лансира балистички ракети, залихите може да се потрошат за само една или две недели. Во тој случај, Украина ќе мора да повлече други системи, како германските ИРИС-Т, бидејќи без поддршка од „Патриот“ тие нема да бидат ефикасни.
Британскиот „Економист“ нагласува дека главната причина за недостатокот е бавното производство на ракетите „Патриот“ во САД. Американската компанија „Локид Мартин“ моментално произведува околу 650 ракети годишно, што е околу 100 помалку од руското производство. Воедно, Украина има потреба од две ракети „ПАК-3“ за да пресретне една руска ракета.
Производството на „Патриот“ ракети треба да започне и во Германија, но не порано од крајот на 2026 година. Исто така, како што јави „Ројтерс“, рускиот ракетен систем „Искандер“ сега може да ја заобиколи американската противвоздушна одбрана, што дополнително ја влошува ситуацијата. Ова го потврди и претставникот на украинските воздухопловни сили, Јуриј Игнат, во интервју за францускиот „Монд“.
Ситуацијата во Киев и понатаму останува тешка, со оглед на зголемената фреквенција и ефикасност на руските напади, а потребата од брзо пополнување на залихите и подобрување на системите за одбрана е критична.






