Министерот за правда, Игор Филков, денес ја отвори првата од серијата стручни дебати посветени на измените на Законот за Судскиот совет. Овие дебати се организираат во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, со цел создавање функционален и независен Судски совет, кој ќе работи исклучиво во служба на правдата.
„Судскиот совет мора да биде ослободен од политички влијанија и да функционира во интерес на правдата. Ова е од клучно значење за зајакнување на владеењето на правото во нашата земја,“ изјави Филков.
Работната група на Министерството за правда веќе подготви нацрт-измени, а јавноста, стручната фела, меѓународните организации и граѓанскиот сектор активно се вклучени во процесот на дебатирање. До крајот на годината, ќе се одржат уште три дебати, по што ќе следат конкретни предлози за законски измени.
Филков истакна дека транспарентноста и инклузивноста се клучни за креирање ефективен правосуден систем. „Ова е само почеток на нашиот реформски процес. Нашата цел е Судскиот совет да го вратиме на патот на вистинска независност и интегритет,“ додаде министерот.
Овие реформи се дел од пошироките напори на Владата за зајакнување на правната рамка и исполнување на европските стандарди за владеење на правото.







