Обвинетата лекарка од Клиниката за онкологија, Мери Пешевска, која призна вина во случајот „Онкологија“, доби условна казна затвор од две години. Казната нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Пешевска се извини на оштетените пациенти, наведувајќи дека тогашниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, бил нивен ординирачки доктор, а нејзиниот факсимил бил ставен на шалтер и користен од сите.
Лекарката беше обвинета за несовесно лекување, признавајќи пред судот дека својата лозинка и факсимил за пристап до внатрешниот компјутерски систем на клиниката ги оставала на располагање на други специјалисти и специјализанти. Според обвинителството, токму поради оваа практика, седум пациенти – кои во меѓувреме починале – добиле лекови и терапии кои довеле до влошување на нивната здравствена состојба.
Адвокатот на Пешевска, Влатко Китановски, во завршниот збор истакна дека обвинетата немала намера за лична корист, туку целта ѝ била да им помогне на пациентите. Тој додаде дека оние кои ги злоупотребиле нејзините податоци треба да одговараат за тоа.







