Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, со гордост истакна дека по повеќе од 50 години, жителите на улицата „25“ во Припор конечно добија целосна фекална канализација и нов асфалт. Оваа улица, изградена во минатото со самопридонес на жителите, била во лоша состојба и предизвикувала проблеми во секојдневниот живот.

По интензивни разговори со жителите, Ѓорѓиевски објасни дека се посветиле на трајно решавање на овој долгогодишен проблем. Прво беше поставена канализација во должина од 530 метри, а потоа се започна со асфалтирање на површина од 1600 квадратни метри.

„Не постои нерешлив проблем кога се пристапува со сериозност,“ вели Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека решавањето на децениските проблеми е приоритет. Градоначалникот ветува дека ќе продолжат со слични проекти низ секое населено место, слушајќи ги и реализирајќи ги потребите на граѓаните.







