Денеска, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, заедно со градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Марјан Стефановски, пратеникот Пеце Милевски и членовите на Советот на Општина Битола, официјално го означија почетокот на изградбата на новата комерцијална зграда во АРМ. Оваа инвестиција, која ја реализира АД за стопанисување со станбен и деловен простор, ќе опфати 65 станови, 11 деловни простории и 100 паркинг места. Изградбата, која ќе трае 20 месеци, ќе понуди станбени единици по цени за 30-40% пониски од сегашните пазарни.

„Изградбата на оваа зграда е значаен дел од нашата градежна офанзива во Битола. Благодарен сум на Министерството за транспорт и врски и министерот Николоски за поддршката која ја добиваме – од аплицираните 16 проекти, потпишани се договори за 13, кои ги реализираме со целосна посветеност,“ изјави Коњановски. Тој потенцираше дека значајни инфраструктурни проекти се веќе во тек, како обиколницата на ул. „Бурса“ и влезот на ул. „8 септември“, на кои граѓаните и стопанството одамна чекаа.
Министерот Николоски најави и засилена поддршка за проектот „Купи куќа за млади“ кој ќе им овозможи на младите пристап до поевтини станови. До крајот на 2024 година, преку Министерството за транспорт и врски во Битола се планирани инвестиции од над 10 милиони евра, меѓу кои и реконструкции на улиците „Индустриска“, „11-ти Март“, „Панде Николов“, „Козара“ и „Чеде Филиповски – Даме“. Министерството, со одлука на Владата, исто така доделува 2.7 милиони евра за до крајот на годината, а од наредната година ќе се обезбедат дуплирани средства.

Во своето обраќање Николоски најави дека Битола ќе продолжи да биде фокус на значајни стратешки проекти, со отворање на делницата Градско – Дреново од експресниот пат до крајот на годината и продолжување со делниците до Прилеп и Меџитлија.







