Според Законот за облигационите односи со застареноста престанува правото да се бара присилно исполнување на обврската. Обврската може да потекнува oд договорен однос, од еднострана изјава на волја, од причинување на штета, од стекнување без основ или од работоводство без налог, а може според својата содржина да се однесува на одредено давање, сторување, несторување или трпење.
Застареноста настапува кога ќе истече определеното време со закон во кое доверителот можел да бара исполнување на обврската. Значи со застареноста по истекот на определеното време се губи правото да се бара присилно извршување на обврската. Всушност може да се побара судот да го задолжи должникот да ја исполни својата обврска, меѓутоа ако должникот приговои дека барањето е застарено, во тој случај судот ќе го одбие тужбеното барање.
Од ова може да се заклучи дека судот не внимава на застареноста по службена должност односно истата ќе ја земи во предвид при одлучувањето само во случај кога од страна на должникот е истакнат приговор за застареност. Приговорот за застареност служи како еден вид одбрамбено правно средство.
Според член 367 од ЗОО за една година застаруваат: побарувањето на надомест за испорачана електрична и топлотна енергија, гас, вода, за оџачарски услуги и за одржување на чистота, кога испораката, односно услугата е извршена за потребите на домаќинството; побарувањето на радиостаница и радио-телевизиска станица за употреба на радио-приемник и телевизиски приемник; побарувањето на пошта, телеграф и телефон за употреба на телефон и на поштенски преградоци, како и другите нивни побарувања што се наплатуваат во тримесечни или во пократки рокови и побарувањето на претплата на повремена публикација, сметајќи од истекот за времето за кое е нарачана публикацијата.
Застареноста почнува да тече првиот ден по денот кога доверителот имал право да бара исполнување на обврската, односно од денот на втасаноста на обврската. Од тој момент па се до истекувањето на последниот ден од времето утврдено за застареност, доверителот има правна можност своето побарување да го оствари по судски пат.







