Општина Битола започна со изградбата на новиот „Памп Трак” полигон за велосипеди, кој ќе се наоѓа во Градскиот парк, во близина на „Ќумурното“ игралиште. Полигонот ќе биде изведен на површина од 900 м² и ќе понуди адреналинска патека која вклучува нагорнини и надолнини, околу кои возачите ќе можат да возат велосипеди, скејтборди, ролери и други спортски реквизити.
Целта на оваа патека е да обезбеди забавни и безбедни услови за возење, нудејќи различни начини на забавен и контролиран спорт. Секој кој ја сака активната рекреација и возењето на отворено ќе има можност да ужива во оваа нова содржина.
Проектот го реализира фирмата ДТУ Јумак ДООЕЛ од Скопје, а вкупната вредност на набавката изнесува 5.216.343 денари со вклучен ДДВ. Средствата се целосно обезбедени од буџетот на Општина Битола.
Со овој проект, покрај велосипедските патеки кои се веќе во изградба, Битола ќе добие уште една атрактивна спортска и рекреативна содржина која ќе ги задоволи потребите на љубителите на велосипедизмот и активниот начин на живот.






