Курир.мк го праша поранешниот пратеник и добар познавач на темата, Илија Димовски, за неговото мислење во врска со најновиот Извештај на Европската комисија за состојбите во Македонија. Димовски истакна дека извештајот го анализира функционирањето на институциите и не е фокусиран на политичките партии, при што се осврна на периодот под претходната влада.
„Извештајот на ЕК се однесува на состојбите во државата и ја набљудува државата од аспект на функционалност на институциите, не од аспект на политички партии, и се однесува на период кој доминантно, можеби повеќе од 90-95 проценти, е од владение на претходната влада. Сепак, не треба да влегуваме во таа замка и да дебатираме околу тие прашања, бидејќи политичкиот легитимитет што го доби оваа влада е базиран на истите критики кои ги има и во Извештајот на ЕК. Од тој аспект, ситуацијата е чиста во однос на одговорноста, ако воопшто има потреба да се бара одговорност, бидејќи сите помалку сме одговорни. Она што е важно е Извештајот да биде искористен како водилка за идните задачи. Во сите области, особено во делот на функционалност на институциите, антикорупцијата и судството, има сериозни критики. Мислам дека владата, државата и собранието треба да се движат по прецизно утврден редослед, но брзо и ефикасно,“ изјави за Курир.мк Илија Димовски.
Димовски смета дека повеќе не ни се потребни политички и филозофски дебати кои ќе ги оформуваат нашите стратешки правци. Оттука, се поставува прашањето, зошто актуелната опозиција СДСМ и ДУИ сака да го префрли Извештајот на Европската комисија на актуелната влада, која е на власт само четири месеци? Но, вакви негативни оценки Македонија не добива првпат. Довербата или недовербата во судството не е од вчера, а борбата со корупцијата, нетранспарентноста на институциите и други нерегуларности се појавуваат изминатите неколку години.






