Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, порача дека Здружението на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) ќе посредува и обединува, во обид да ги надмине разликите помеѓу општините Карпош, Струмица и централната власт. Според него, целта е да се постигне заедничко разбирање и надминување на сите кризни моменти, со цел обезбедување на стабилност и континуирано функционирање на локалните единици.
„ЗЕЛС не е тој што предизвикува кризи, туку ЗЕЛС ги надминува кризите,“ изјави Ѓорѓиевски, изразувајќи задоволство од одлуката на градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, да остане во рамките на ЗЕЛС.
Исто така, Ѓорѓиевски најави и интензивирање на комуникацијата со градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој често е критичар на ЗЕЛС. „Мојот потпретседател Перо Костадинов, исто така од редовите на Социјалдемократскиот сојуз, ќе се потруди во улогата на медијатор за надминување на овие несогласувања,“ истакна тој.
Претстојат средби со засегнатите градоначалници и претставници на централната власт, кои ЗЕЛС ќе ги организира во наредните денови, во обид за разрешување на сите отворени прашања и унапредување на соработката. „Застануваме позади секој наш колега, без оглед на партиската припадност. Заедно ќе ги надминеме сите проблеми,“ порача претседателот на ЗЕЛС.







