Тетово е преполнето со нови кучиња скитници, што предизвикува загриженост кај жителите. Во последните неколку месеци, бројот на бездомни животни во градот значително се зголеми, а тоа ги отвора прашањата за ефикасноста на мерките за контрола и згрижување на кучињата скитници. Граѓаните апелираат до локалните власти за брза реакција и решавање на проблемот, со цел да се заштитат и животните и луѓето.
Жителите на Тетово се прашуваат од каде доаѓаат сите овие нови кучиња скитници кои го преплавија градот. Се шпекулира дека дел од нив се донесени од други општини, додека некои се резултат на неконтролирано размножување. Локалните власти се уште не излегле со конкретен одговор, а граѓаните бараат итни мерки.
Билал Касами се сомнева дека кучињата скитници од други градови тајно, навечер, се носат во Тетово и тука се пуштаат.
Имаме основани сомнежи и пријави од граѓаните дека во текот на ноќта возила со регистарски таблички од Куманово, Скопје и други градови, на периферијата на градот носат кучиња и ги пуштаат во Тетово. Тоа е проблем што треба да се реши, затоа што и ако општината Тетово обезбеди средства за собирање на 1000 кучиња скитници, можеме да станеме место кое ќе ги привлекува кучињата кај нас. Најлесно е да се даде некому 500-1000 евра да ги товари овие кучиња и да ги испрати некаде – вели Касами.
Снимки од комби кое истовара кучиња-скитници од други градови во Тетово стигнале до градоначалникот Билал Касами, кој се сомнева дека тоа се случува навечер и тајно и дека тоа е причината зошто нивниот број се зголемува иако Општината ги заловува.
– Ние сме свесни дека проблемот не можеме да го решиме локално и без соработка со другите институции, па затоа бараме поддршка и од граѓаните, медиумите, централната власт и од полицијата за да ги лоцираме сите тие сомнителни возила кои во Тетово ги носат кучињата скитници од други градови. И еден милион евра да обезбедиме од нашиот буџет нема да го решиме проблемот, бидејќи можеме да увидиме дека од моментот кога почнавме да ги заловуваме овие кучиња, нивниот број наместо да се намалува се зголеми. Ова кажува дека е реално нашето сомневање дека од други градови се носат кучиња скитници и се пуштаат во Тетово. Полесно е за другите градови да платат некому да ги стави кучињата во возило и да ги донесе во Тетово отколку да ги третираат во нивната Општина – изјави Касами.







