Двајца хирурзи од Клиничката болница во Тетово се вмешале во физичка пресметка на хируршкото одделение. Ова, според информациите од управата на болницата, не е прв ваков инцидент помеѓу овие двајца доктори.
Полицијата е информирана за настанот, а управата на болницата најави дека ќе формира комисија која ќе го испита случајот и ќе преземе соодветни мерки. Од СВР Тетово потврдуваат дека се запознаени со инцидентот и дека се преземаат сите потребни чекори за целосно расветлување на случувањата. Неофицијално, постојат сомнежи дека при пресметката бил употребен тврд предмет.
„Можеме да потврдиме дека околу 13 часот имало физички конфликт меѓу двајца хирурзи во Клиничката болница во Тетово. Поради презумпција на невиност, не можеме да ги објавиме нивните имиња, но иницијалите се Д.Х. и З.С. Директорот на болницата лично контактирал со Полициската станица во Тетово и началникот на полицијата, и очекуваме надлежните органи да преземат соодветни мерки. Во рамките на нашите надлежности, ќе постапиме согласно Законот, штом има конечни резултати од истрагата“, изјави Валон Абдилхамити од Тетовската болница.







