Готов е извештајот за смртта на родилката од Куманово, а се чека наодот и за 14 месечното бебе кое почина на Детската Клиника. Деталите и причините за двата фатални случаи во здравството, ќе биде обелоденети деновиве. Министерот Таравари ги повика судските органи да си ја вршат работата, ако се утврди лекарска грешка.
„Извештаите се речиси подготвени. Чекав извештај од професионални и компетентни педијатри за да дадат одреден заклучок за случајот со починатото бебе. Се надевам дека денеска или најдоцна во понеделник, како Министерство за здравство да имаме прес-конференција на која ќе ги кажеме сите детали од случувањата со родилката од Куманово и 14-месечното бебе.Веќе кажав, ако очекувате јас да судам, тоа не го можам. Ние не сме судски орган. Ќе излеземе со извештај, да кажеме дали има лекарска грешка, а потоа судските и истражните органи треба да делуваат“, додаде Таравари.
Комисијата за стручен надзор што ја формираше министерството за здравство, пред два дена, со часови била на Клиниката за детски болести истражувајќи го случајот со смртта на 14 месечното бебе од Гошинце. Двајцата педијатри и анестезиологот, ја разгледале целокупната медицинска документација и разговарале со сите кои биле инволвирани во третманот на бебето кое почина пред четири дена на Детска.
Претходно ДЗСИ го објави извештајот, каде се потврдува дека бебето било препраќано во три здравствени институции, двапати било враќано од клиниката за Детски болести за кога веќе било хоспитализирано да заврши трагично. Дали некој направил пропуст ќе утврди Комисијата.
Освен надзорот кој треба да ги даде одговорите како и зошто почина 14 месечното бебе, јавноста ги чека деталите од Комисијата за причините за смртта на 31 годишната родилка која почина за време на породувањето во кумановската болница. Ноивороденчето, конечно по десет дена лекување на Детска, повеќе не е на респиратор.
За една недела два смртни случаи во здравствени установи, два вонредни надзори и две стручни комисии. Дали е постапувано по протоколите и има ли лекарски пропусти ќе извести Министерството за здравство.







