Германската новинска агенција DW во денешен натпис објавува дека токму ДУИ кога била на власт го повлече балансерот.
“Фактите покажуваат дека кога ДУИ била на власт, заедно со партнерите во Владата се согласиле дека е надмината потребата од балансерот. Тоа го покажува Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030 со Акциски план 2023 -2026. Тоа е владин акт од јули 2023 година, што значи дека е донесен во мандатот на Владата на СДСМ и ДУИ. Во него, на страница 47 е наведено дека „се надминува потребата од примена на алатката наречена ‘балансер’ која во пракса предизвикува бројни злоупотреби“”, објавува DW.
Според DW ова децидно е наведено во делот „Јавна служба и управување со човечките ресурси“, каде се објаснува дека општа цел е департизирана, професионална и стручна јавна администрација.
„Тоа е единствениот начин кој на граѓаните може да им гарантира побрзо, поквалитетно и поевтино остварување на нивните индивидуални права, како и заштита на јавниот интерес“, се наведува во Стратегијата.
Понатаму се елаборира зошто е надмината потребата од балансерот.
„Имено, начелото на еднаков пристап до секое работно место, начелото на стручност и компетентност и начелото на родова еднаквост треба да се примарни и единствено применети во целиот процес на селекција, вработување и унапредување на сите нивоа во јавната администрација, додека во фазата пред донесување на одлуката за избор секако треба да се води сметка и за начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. На овој начин, од една страна се надминува потребата од примена на алатката наречена ‘балансер’, која во пракса предизвикува бројни злоупотреби, а од друга страна останува примената на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците. Со објективни критериуми и постапки на отворен натпревар за избор на најдобриот кандидат, спроведени од професионалци во администрацијата кои поседуваат висок степен на стручност и интегритет, ќе се направи брана од политичкото влијание“, пишува на страница 47 од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, донесена во време кога ДУИ беше владејачка партија, наведува меѓудругото германската агенција DW.





![Повторно еруптираше Етна: Туристите панично бегаат [ВИДЕО]](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/06/screenshot-2025-06-02-135115.png)
