Во последните години, Македонија се соочи со бројни онлајн финансиски измами, но малку кои предизвикаа толку силен шок како платформата Conti.
Веста за затворањето на Conti се прошири брзо низ социјалните мрежи, предизвикувајќи коментари полни со неверување. Платформата се претставуваше како опција за брза заработка, што ја направи многу популарна кај десетици илјади Македонци.
Според информации од Телеграм групата „Конти Македонија“, која брои над 14.000 членови, ако се смета дека сите вложиле на платформата и дека просечната инвестиција е околу 300 долари (некои вложиле и помалку, додека други дури 3.000 долари), тогаш сумата на загубените средства лесно надминува 4 милиони долари.

Иако имаше индивидуи кои успеаја да заработат, особено оние кои се приклучија порано и беа на врвот на системот, голем број од „инвеститорите“ доживеаја значајни загуби. Conti, како и многу други измамнички платформи, се претстави како финансиска можност за брзо и лесно стекнување средства преку вложување во виртуелни валути или криптовалути. Лажните ветувања за сигурна заработка ги наведоа луѓето да вложуваат без претходна проверка на легитимноста на платформата.
Искусни измамници користеа манипулативни маркетинг техники, создаваа професионално дизајнирани веб-страници и нудеа „техничка поддршка“ за да изгледа сè легитимно. Довербата на вложувачите беше толку висока, што многу од нив вложуваа дополнителни средства, очекувајќи брз профит. Сепак, набрзо се покажа дека овие „профити“ всушност беа само виртуелни бројки, без никаква реална вредност.
Овој инцидент потсетува на важноста на внимателноста при инвестирање, особено кога станува збор за виртуелни платформи без соодветна регулација или проверена историја на работа. Финансиските измами, како што е оваа, можат да остават долготрајни последици на животите на луѓето и на нивната финансиска стабилност.







