Скопје повторно се најде меѓу најзагадените градови во светот, а од скопскиот општини најлош е воздухот во Карпош, Центар и Лисиче. Иако грејната сезона е штотуку започната, во главниот град веќе едвај се дише. Граѓаните се жалат на лоша миризба и енормна загаденост, а не е ништо подобра ситуацијата и во останатите градови. Тетово, Велес, Кавадарци и Кочани, исто така се високо на листата на AirVisual на градови каде воздухот е опасен за чувствителни категории на граѓани. Пулмолозите предупредуваат дека аерозагадувањето не само што само по себе претставува голема опасност, туку и дополнително го олеснува патот на вирусите до белите дробови.
Скопје не само што е на врвот на листата на најзагадени градови, туку во исто време води битка и со најголем број заразени со Ковид-19. Градот е буквално меѓу два огна, ако се има предвид податокот којшто го објави Институтот за јавно здравје, кој се однесува на периодот од 19 до 25 октомври 2020, кога се регистрирани 3.410 нови позитивни случаи од 35 градови во државата што претставува зголемување од 27,4 отсто, во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите се од Скопје, каде досега имало 11.592 заразени со ковид, од кои активни се 3.490. Општина Аеродром засега го држи приматот во Скопје со дури 675 активни случаи на вирусот.







