Затрупано градилиштето позади Универзална сала, кое неодамна проголта дел од улицата 9-ти мај..
Жолтата лента, казните и налозите да се прекине со работа не ги спречиле инвеститорот и изведувачот да продолжат со изградба на зграда позади Универзална сала, дури и откако пропадна дел од улицата „9 –ти мај“ . Поради ова, по неполни два месеца откако е направена штета и на самиот пат, оти немало задолжителна заштитна јама и не се поставиле таканаречени „шипови“ за стабилизација на земјиштето, Општината реши да ангажира механизација и работници да ја затрупа дупката, ама фактурата ќе си ја плати инвеститорот, вели Градоначалникот Горан Герасимовски.
На улицата пред неколку месеци настана проблем од страна на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“, фирмата што го има одобрението за градба. Јамата што требаше да се спроведе, не беше спроведена според даденото решение, односно самите околни згради не беа заштитени од страна на инвеститорот. Како што стои во законите и мерките општината ќе постапи, во моментот со решението се враќа самото градилиште во првобитна состојба, за целосно да се обезбедат околните објекти, а дополнително Општината ќе разгледува како ќе го решава понатаму самиот проблем.
Казните од 12.500 евра што досега се изречени за инвеститорот и изведувачот се уште не се платени, велат инспекторите.
Постапено е по казните, дадени се на понатамошна постапка, исходот мора да биде наплата на казните.
Фирмата има уште дваесетина дена рок ја поправи пропаднатата улица, а ако тоа не го направи, работата ќе ја завршат од „Улици и патишта“, ама сметката за трошоците ќе мора да си ја плати инвеститорот.





