На 4 мај, околу 23 часот, во близина на наплатната рампа Мали Пожаревац, Урош Блажиќ налета на таксито во кое бев, седна на задното седиште до мене и му рече на таксистот: „Вози, имам бомба, убив луѓе!” Се исплашив, па му кажав дека сум трудна, да ме поштеди… Тогаш не ни знаев што направил малку пред тоа во селата кај Младеновац… Се симнав од таксито кај Уб, каде што ме чекаше мојот вереник, а Урош и таксистот продолжија. После тоа не ми дозволија да повикам полиција…
Ова меѓудругото го кажала на сослушувањето девојката Ј.А.(19) од Смедерево, која Урош Блажиќ ја киднапираше и два часа ја држеше откако претходно уби осум млади луѓе во селата Мало Орашје и Дубона кај Младеновац.
Преплашената девојка детално ги опишала трауматичните настани кои се случиле ноќта меѓу 4 и 5 мај во обвинителството.
„Таа рече дека на 4 мај се договорила со нејзиниот вереник да се качи со такси од Смедерево до неговата куќа во селото Богдановица кај Уб. Таксистот нешто пред 23 часот дошол да ја земе со „форд фокус“, па таа седнала на задното седиште, зад совозачкото седиште и се упатиле кон Уб. Возеле речиси половина час до исклучувањето на автопатот, кон рампата во Мали Пожаревац“ – изјавил извор на „Блиц“, близок до истрагата.






