Михаил Ходорковски, поранешен политички затвореник и извршен директор на нафтената компанија „Јукос“, во анализа за „Политико“ тврди дека постои само еден начин да се запре Владимир Путин – и тоа не се санкциите.
Авторот на книгата „Како да се убие змејот: Градење нова Русија по Путин“ објасни дека „одземањето на чашата виски од пијан човек нема да го отрезни“, а истото важи и за санкциите против Русија. Според него, неопходна е способност не само за казнување, туку и за вистинско одвраќање.
„Санкциите без вложувања во одбранбени способности и подготвеност тие да се употребат, никогаш нема да успеат – што јасно се гледа со руските дронови кои денес ја тестираат одбраната на НАТО“, вели Ходорковски, основач на Центарот за нови евроазиски стратегии. Тој смета дека Западот со санкциите се однесува како алкохоличар кој не може да се откаже од вискито.
Ходорковски истакнува дека во суштина војната во Украина не е за економска контрола, туку идеолошки и стратешки судир со концептот на успешни демократски држави во соседството на Русија и обид за враќање на доминацијата што Москва ја имаше во 20 век.
Тој потсетува дека енергетските санкции на ЕУ имаат минимален ефект. „Губење од 40 милијарди долари годишно во буџет од 400 милијарди, каде нафтата и гасот сочинуваат само 17 проценти, не може да ја натера Москва да смени курс. Тоа може лесно да се компензира со благо девалвирање на рубљата, а Путин нема домашни противници чие мислење мора да го земе предвид“, нагласува тој.
Ходорковски додава дека Европа никогаш немала вистинска волја за нагло прекинување на зависноста од руската енергија, а преминот на американски извори е финансиски неподнослив.
„Едноставно кажано, санкциите никогаш нема да бидат пресвртница за Путин. Време е тоа конечно да се разбере“, заклучува тој.






