11 поплаки од граѓани стигнале до Регулаторната комисија за ладни радијатори. И по почетокот на грејната сезона се уште немаат парно греење. Поплаки од граѓани стигнаа и до редакција на 24.мк.
Велат дека секоја година иста приказна. Почнува грејната сезона, а тие се без греење со денови. Тврдат дека никој не се јавува на дежурните телефони на дистрибутерот и немаат кому да се пожалат.
Од Регулаторна пак тврдат дека тие интервенираат во истиот ден откако ќе ги добијат жалбите од граѓаните и бараат дистрибутерот БЕГ веднаш да излезе на терен. Во најголем број случаи, вели Марко Бислимоски, проблем со греење има кај постари згради каде има проблем со инсталацијата.
„Тоа можеби се проблеми во инсталациите во некои од зградите. Почеток е на грејна сезона и се случуваат соодветни подесувања на самиот систем. Така што тие се главните причини. Во суштина целиот систем функционира нормално и на околу 60 илјади потрошувачи да имаме педесетина поплаки сметам дека е мала бројка. Но сите тие што имаат проблеми и што се обраќаат до Регулаторната во текот на истиот ден веднаш реагираме и бараме од БЕГ веднаш да постапи по нашите забелешки.“ – вели Марко Бислимоски, Регулаторна комисија за енергетика, за 24.мк.







