На денешен ден на Сараиште, старите рибари ги оставале мрежите да се „пает“, раскажуваат повозрасните жители на Охрид, кои се сеќаваат на убавите времиња поминати со блиските и пријателите на денот по Богојавление, Ден на рибарите.
Традицијата за да се одбележува овој ден е многу стара, во одреден период престанала да се практикува, но повторно се обновила.
Според кажувањата на старите жители на градот, рибарите се капеле на овој ден за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото.
Уникатната манифестација со традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ и ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини.

Охриѓани се потсетуваат дека во минатото, фрлањето на чесниот крст било забрането.
На 20-ти завршувал „Татиљот“ или забраната за риболов. Рибарите го искористувале денот, наместо да ловат риби скришно да скокаат по крстот без притоа некој да се посомнева. На најстариот рибар му се давало „бочка“ со вино, па затоа во нивна чест се фрлаат бурињата со вино, со што всушност се продолжува старата традиција, раскажуваат.






