Ахмети до „Огнените“: За една болва не се кршат ќерамидите на куќата, ниту и се урива кровот – никој не може да ми наметне ултиматуми
„Запрашан за изјавата на потпретседателот на ДУИ Изет Меџити дека ‘поради една болва не се гори јорганот’ во врска со ситуацијата меѓу групата на незадоволници во ДУИ и министрите во извршната власт од оваа партија, лидерот на „интегристите“ Али Ахмети одговори: ‘За една болва не се кршат ќерамидите на куќата, ниту се урива кровот на куќата’.“ – објави ТВ 21.
Инаку, Изет Меџити јасно целеше на вицепремиерот Артан Груби, но барем засега останува нејасно на која „болва“ мислел Ахмети.
ТВ 21 во својата информација натаму пишува: „На партискиот собир на ДУИ во гостиварското село Чегране Ахмети денес ги коментираше и постапките на групата на незадоволници во партијата. Ахмети нагласи дека се надева оти тие незадоволници ќе размислат и дека нема да продолжат со поделби.“
„Не чувствувам никаква обеспокоеност, вистина е и кажувам меѓу браќата: чувствувам душевна болка, бидејќи децата ги растеле со амблемите на ДУИ, сме си оделе едни на други на свадби и веселби. Мислам дека ќе поразмислат и оти нема да продолжат со поделбите. Јас не сум коњ во фигурите на шахот: или сум претседател, командант, или не сум.“
Лидерот на ДУИ кажа дека им ставил на знаење на незадоволниците дека грешат.
‘Сум им рекол дека грешат, бидејќи мене не може никој да ми наметне ниту ултиматуми, ниту програмски линии и платформи, бидејќи тоа го воспоставува партискиот Конгрес, а јас ги спроведувам одлуките на Конгресот и одговарам пред Конгресот. Така што, ДУИ никогаш не била посилна.’ – рече Ахмети на овој партиски собир.“







